Директорот на ЦУК вели дека во овој момент нема опасност за граѓаните бидејќи само кај мостот кој е во изградба има заезерување на реката, а веднаш после мостот реката се враќа во нормална состојба

Реката Вардар поплави дел од велосипедската и пешачката патека во Аеродром, кај новиот мост што е во изградба во близина на хотелот „Русија“.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека според информациите кои тие ги добиле најверојатно до заезерување на реката дошло откако фирмата изведувач на градежните работи на мостот за потребите на градбата попречила дел од речното корито со што бил намален капацитетот на проток на водата во речното корито.

На терен излегол и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, до кого, исто како и на телефонскиот број 195 стигнале пријави од повеќе граѓани.
„Поради градежни зафати на мостот кој е во изградба дојдено е до заезерување на реката Вардар поради што водата е излезена надвор од речното корито и има поплавено дел од пешачката и велосипедската патека веднаш над овој мост, а поплавата може да биде некаде до Фондот за пензиско и инвалидското осигурување поради што апелираме до граѓаните да не ја користат оваа делница“,
вели Ангелов потенцирајќи дека во овој момент нема опасност за граѓаните бидејќи само на тоа има заезерување, а веднаш после мостот реката се враќа во нормална состојба.
Од ЦУК велат дека контактирале и со Град Скопје и Општина Аеродром, како и со МВР и Дирекцијата за заштита и спасување, на кои им се пренесени информациите и побарано е и од нив да излезат на терен за да се направи проценка на ситуацијата.
Исто така, повикана е и формата изведувач на градежните работи на мостот за да се отстранат поставените препреки.