Организаторите најавија дека блокади на сообраќајот и протести ќе има и после празниците, сè додека, како што велат, не се спроведат конкретни мерки против загадувачите
Дислокација на цементарницата „Усје“ надвор од градот, побараа граѓаните на протестот што денеска попладне се одржа на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои се организатори на протестот, сметаат дека фабриката континуирано го загадува воздухот во главниот град и бараат надлежните институции да најдат решение за овој проблем.
„Нашата порака е јасна: Нема повеќе молк, нема повеќе одложувања и нема повеќе жртвување на здравјето на граѓаните за сметка на профитот“,
велат од Иницијативата.

Ова се дел од пораките што граѓаните ги истакнаа на транспаренти:
„Воздухот наш за профитот ваш“; На хартија бело, во дробови црно“; Не сакаме изговори, сакаме чист воздух“.
Петар Керамитчиев, од „Стоп за Усје“ рече дека последните месеци го истражуваат работењето на фабриката и заклучоците се дека не е првпат компанијата да има вакви проблеми.
„Слични случаи се забележани и во Америка и Египет. Се работи за мафија што наоѓа легални начини да го оправда тоа што го прави. Станува збор за странски капитал што ги труе нашите деца“,
рече тој.
Посочи дека денешниот протест е предупредување до властите дека се следи работата на „Усје“.
Најави дека блокади на сообраќајот и протести ќе има и после празниците, се додека, како што додаде, не се спроведат конкретни мерки против загадувачите.
Пред присутните зборуваа повеќе активисти, а дел од нив посочија дека во земјава годишно има 5 000 смртни случаи од загадување, бројка што постојано се зголемува.
„Доста е. Мораме да се бориме за воздух и да им застанеме на патот на овие трујачи“,
рекоа тие.
На протестот присуствуваа и дел од членовите на советничката група на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) во Град Скопје. Во објава на Фејсбук порачаа дека ова прашање не смее да се сведува на дневна политика.
Неколку часа пред да се одржи протестот, од скопската цементарница „Титан-Усје“ ги отфрлија обвинувањата дека работењето на компанијата е причина за квалитетот на воздухот во градот.
Според нив, компанијата се користи како изговор за неосновани напади, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место.
„Компанијата работи согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент. Технологијата која се применува во ’Титан-Усје’ соодветствува со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија“,
велат оттаму.
Според „Титан-Усје“, работата на компанијата е континуирано контролирана од страна на Државниот инспекторат за животна средина.
