Пладне во Скопје, а изгледа како да е рано неделно утро. Со секој изминат ден по првиот случај на коронавирусот, а особено по вчерашното прогласување на вонредна состојба, главниот град сè помалку наликува на она што вообичаено е. Нема сообраќаен метеж, бучава од автомобили и автобуси, врволица од луѓе или турканици. Се чини дека граѓаните сè повеќе ги почитуваат препораките на Владата и Министерството за здравство, да останат во своите домови и да не излегуваат освен ако имаат неодложна работа.
Но и од тие што излегуваат, голем дел носат заштитни маски, ракавици или и едното и другото. Во и надвор од маркетите и аптеките се создава и нова „култура на купување“. Сликата од пред еден супермаркет во скопски Капиштец е вообичаена за повеќе места – внатре се пуштаат ограничен број потрошувачи, за да не се создаде метеж. Другите, чекаат во ред пред влезот. А внатре во маркетите, правилото е кога чекате на каса, да има барем еден метар до метар и половина до муштеријата пред вас.
Слична е и сликата пред аптеките. Зависно од големината на објектот, некаде е дозволено само еден муштерија да биде внатре во аптеката, а некаде по најмногу двајца во ист момент. Сите останати чекаат ред пред влезот, со цел да се намали ризикот за пренесување на вирусот.
Пекарниците и другите објекти кои служат храна ги заклучија вратите, па нарачката и продажбата се одвива преку малите прозорчиња и без директен контакт. Тие кои немаат пултови, пак, смислуваат привремени но ефикасни решенија. Најчесто, ги блокираат влезните врати за муштеријата да не може да влезе, но на начин што преку подотоворената врата може да се изврши нарачката и доставата на рака.