Здружението на Украинци во Северна Македонија „Лесја Украинка“ денеска во Скопје одржа протест против руската воена агресија врз Украина.
Протестот започна околу детското игралиште зад Универзалната сала и заврши пред Амбасадата на Руската Федерација.
Како што посочија од Здружението, протестот се организира за да потсетат на злосторствата извршени врз Украина и на одземените невини животи, вклучително и на децата.
„Сакаме да потсетиме што им прави Руската Федерација на украинските деца. Војната во Украина трае веќе 109 дена, загинати се над 260 деца и таа бројката секој ден се менува. И сега, додека зборуваме, гинат деца. Околу 500 деца се повредени, меѓутоа и бројката не е конечна, не се знае колку деца се под урнатини и во масовни гробници“,
велат од Здружението.





