Инспирација за нападот, како што информираат од Обвинителството, му бил настан од 14 декември 2012 година во Соединитените Американски Држави, кога тогаш 20-годишниот Адам Ланза, во училиште, со автоматска пушка смртно застрела 26 лица, од кои 20 деца
При претрес на домот и други простории во Мала Речица истражните екипи пронашле поголемо количество разновидно оружје, од кое дел поседувал осомничениот дваесетгодишник, а дел неговите татко и дедо
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донел наредба за спроведување истражна постапка против дваесетгодишен жител на тетовска Мала Речица кој се товари за сторено кривично дело тероризам.

Според описот на делото, осомничениот на крајот на минатиот месец преку социјалната апликација Дискорд (Discord) упатил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47, позната како „калашников“, истовремено наведувајќи дека е со нарушено психичко здравје.
Инспирација за нападот, како што информираат од Обвинителството, му бил настан од 14 декември 2012 година во Соединитените Американски Држави, кога тогаш 20-годишниот Адам Ланза, во училиште, со автоматска пушка смртно застрела 26 лица, од кои 20 деца.
Алармот дека закани за териростички напад се упатени од профил на Дискорд што се наоѓа во нашата земја, дошол од Амбасадата на САД во Скопје, по што Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК презеле дејствија за откривање на сторителот.
„По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на Discord-профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
По идентификацијата и лоцирањето на корисничката адреса, на 17 февруари полициски екипи од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, со асистенција на Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“, а под раководство на обвинител од ОЈО ГОКК, извршиле претрес на дом и други простории во Мала Речица.
При претресот истражните екипи пронашле поголемо количество разновидно оружје, од кое дел поседувал осомничениот дваесетгодишник, а дел неговите татко и дедо.
„Кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум мобилни телефони ‘ајфон’ и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му одредил мерка притвор во траење од 30 дена.
За случајот, исто така, информираа и од Министерството за внатрешни работи, од каде што покрај иницијалите на осомничениот дваесетгодишник и неговиот дедо, споделија и фотографии од запленетото оружје.







Оттаму информираа дека против дваесетгодишниот К. Х. е поднесена кривична пријава за тероризам, а против 89-годишниот Џ. Х. за недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Двајцата се лишени од слобода.
„За време на претресите кај К.Х. и кај членови на неговото потесно семејство пронајдени и одземени се повеќе предмети кои се предмет на кривично дело и тоа: различен вид и калибар на огнено оружје, автоматска пушка АК-47 со две рамки со 40 куршуми 7.62х39мм, пиштол ‘М57’ со две рамки со 49 куршуми, пиштол ‘чироки’ (CHEROKEE) со две рамки и повеќе од 600 куршуми 9мм, тактички елеци, борбени елеци (панцир), ножеви со различна должина на сечиво и разни електронски доказни материјали“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
