Часовниците, чија вкупна вредност се проценува на околу 3 000 евра, биле откриени во картонска кутија за која лицето кое управувало со автомобилот во кој биле пронајдени изјавило дека е пратка со лекови што ја испратил негов пријател за болно дете, информираа од Царинската управа
Царинските службеници на граничниот премин „Ново Село“ заплениле дваесет часовници со потпис на познати модни брендови, чија вкупна вредност се проценува на 178 050 денари или околу 3 000 евра.

Часовниците биле откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, информираа денеска од Царинската управа.
„Часовниците се откриени во картонска кутија за која лицето кое управувало со автомобилот изјавило дека е пратка со лекови која ја испратил негов пријател за болно дете“,
се наведува во информацијата на Царината, објавена на нејзиниот официјалне фејсбук-профил.
Лицето, инаку македонски државјанин, по откривањето на часовниците изјавил дека тие биле купени во Швајцарија.
Одземените часовници, велат од Царината, ќе бидат предадени во Агенцијата за управување со одземен имот, а против лицето е поднесена соодветна пријава за прекршување на царинската регулатива.
„Царинската управа и натаму во рамки на своите надлежности спроведува активности за поддршка на легалната економија и сузбивање на сивата економија“,
се наведува во соопштението.
