Освен пожарите во Ѓорче Петров и Рашче, во моментов гори и депонија кај катлановско Блаце, но противпожарната бригада на Град Скопје таму нема да интервенира, бидејќи, како што велат, надлежноста за тоа ја има Општината Петровец која има свое противпожарно возило
Три пожари во моментов се активни во и околу Скопје. Екипи на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје со две возила го гасат пожарот кој попладнево избувна во селото Рашче, а активен пожар има и во општината Ѓорче Петров на патот кон Волково.
Командантот на скопската пожарна, Владимир Симоновски во изјава за „360 степени“ вели дека екипи во моментов интервенираат на терен и рано е да се каже колкава површина зафатиле огнените јазици и кои се причините за пожарите.
Попладнево пожар избувна и кај катлановско Блаце. Од противпожарната бригада на Град Скопје велат дека станува збор за дива депонија и дека таму нема да интервенираат, бидејќи како што вели командантот на скопската пожарна, надлежност за тоа има Општина Петровец која има свое противпожарно возило.


„Нашите екипи во моментов ги гасат пожарите во Рашче и Ѓорче Петров. Депонијата треба да си ја санира Општина Петровец. Тие имаат противпожарно возило и треба да излезат први на терен и ако нешто им избега од контрола ние ќе реагираме, бидејќи не можеме да постигнеме“,
вели Симоновски.
Градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски, најави дека ќе испрати екипа на терен.
Во истиот реон кај Катлановско Блаце утрово имаше и друг пожар кој зафатил сува трева и нискостеблеста шума, но до претпладнево беше изгаснат.
