Уште се на сила владините препораки според кои и приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот








Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорката на државниот инспекторат за труд Весна Томовска, придружувани од тим инспектори, денеска ненајавено посетиле две градилишта во Општина Кисела Вода, за да увидат дали се почитува забраната за работа на отворено поради високите температури. На терен затекнале и асфалтирање на улица, спротивно на препораките за заштита на работниците.
„Имено, кај работодавачот АД ‘Гранит’ за време на забрана за работа на отворено група на работници асфалтираа улица, а дел од нив беа и на возраст од над 60 години. За утврдените неправилности во делот на неприменувањето на Препораките на Владата за работа на отворено во услови на топлотен бран, изречена е усна забрана за вршење на дејност во периодот од 11 до 17 часот, која ке се потврди со писмено решение“,
соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Во однос на градилиштата, инспекторите имале различни наоди.
„Првата посетена локација од страна на тимот беше на градилиштето каде градежните работи ги изведуваа работодавачот ДООЕЛ ‘Трим и Лум’, каде на местото беше констатирано дека се почитуваат мерките во однос на топлотниот бран, но од страна на инспекторите беше нотирано дека градилишето е необезбедено за безбедна работа и дека ќе биде предмет на повторен инспекциски надзор, како би можело да се изрече инспекциска мерка за отстранување на неправилностите.
На второто градилиште – Станбено-деловен објект каде инвеститор и главен изведувач е работодавачот ‘Дабар ДООЕЛ’ – Скопје беше констатирано непочитување на мерките за безбедност и здравје при работа од аспект на необезбедена колективна заштита на работниот простор за што е издадена инспекциска мерка – решение забрана за вршење на работа во небезбедниот простор. Од страна на инспекторите, кај работодавачот ‘Феромонтинг’ ДООЕЛ Скопје изречена е усна забрана за необезбеден пристап до работните места. Исто така кај работодавачот ДООЕЛ АС МОНТ затекнати се и работници кои се без регулиран работен однос согласно законските одредби, за што ќе биде изречена инспекциска мерка наредба работодавачот за затекнатите лица да заснова работен однос,односно да склучи договори за вработување и да ги пријави во задолжително социјално осигурување“,
соопштија од Минситерството.
Од ресорот на Тренчевска велат дека за Министерството за труд и социјална политика, здравјето и добросостојбата на работниците е на прво место и дека тоа е причината што министерката одлучила да биде на терен денеска.
Инаку, Македонија е во портокалово ниво на опасност од високи температури. Владата донесе препораки според кои бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11 до 17 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
Мерките засега се на сила до утре (25 јули).