Дел од аналитичарите сметаат дека тој се решил на ваков чекор уште сега со цел да ги обесхрабри другите претенденти од редовите на републиканската партија, како што се гувернерот на Флорида, Рон Десантис, и поранешниот потпретседател Мајк Пенс

Од неговиот имот во Флорида, поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, официјално објави дека влегува во трката за нов претседателски мандат на изборите во 2024 година.
Објавата на кандидатурата следува една недела по среднорочните избори во САД на кои републиканците не успеаја да ги освојат посакуваниот број места во Конгресот, ниту пак, да ја преземат контролата во Сенатот.
„Со цел да ја направам Америка повторно голема, вечерва ја објавувам мојата кандидатура за претседател на САД“,
рече Трамп пред толпата поддржувачи.
Неговиот говор траеше повеќе од еден час и порача дека од денеска, па до денот на изборите во 2024 ќе се бори како никој досега.
„Ќе ги победиме радикалните леви демократи кои се обидуваат да ја уништат нашата земја одвнатре“,
рече Трамп.
Покрај критиките кон актуелната администрација на чело со претседателот Џо Бајден, тој во обраќањето повторно го истакна неговиот антимигрантски став, најави дека ќе се заложи за смртна казна за дилерите на дрога и дека повторно ќе ги вработи припадниците на војската кои беа отпуштени затоа што одбија да се вакцинираат против ковид-19.
Во неговиот говор не зборуваше за насилниот обид неговите поддржувачи на 6 јануари 2021 да го спречат Конгресот да ја потврди победата на Бајден на минатите избори.
Коментирајќи ја истрагата против него која беше отворена неодамна поради сомнежи дека неовластено чувал доверливи документи во својата резиденција на Флорида, пак, рече дека е жртва.
Говорот го заврши со барање поддршка од поддржувачите велејќи дека ова не е само кампања туку потрага за спас на земјата.
„Го барам вашиот глас. Ја барам вашата поддршка. Златната доба на Америка е пред нас“,
рече Трамп.
Со објавувањето на кандидатурата, неговите поддржувачи веднаш добија и електронска порака за донации за кампањата.

Иако САД се познати како земја со долготрајни претседателски кампањи за претседателските избори, објавувањето на кандидатурата од Трамп, сепак, доаѓа релативно рано од досегашната пракса. Дел од аналитичарите сметаат дека тој се решил на ваков чекор уште сега со цел да ги обесхрабри другите претенденти од редовите на републиканската партија, како што се гувернерот на Флорида, Рон Десантис, и поранешниот потпретседател Мајк Пенс.
Десантис важи за една од најголемите „закани“ за поранешниот претседател во внатрепартиската трка особено откако минатата недела лесно победи во трката за Сенатот против демократскиот кандидат. Пенс, пак, кој беше потпретседател во мандатот на Трамп веќе се обиде да се дистанцира од него, го прозва за поттикнување на толпата демонстанти за упад во Конгресот, а имаше и изјава дека Американците ќе имаат подобар избор од тоа Трамп повторно да биде претседател. Други потенцијални републикански кандидати кои се споменуваат во американските медиуми се актуелните гувернери на Вирџинија и Тексас, Глен Јанкин и Грег Абот, бившата гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, и ексдржавниот секретар Мај Помпео.
До изборот на републиканскиот кандидат за следните претседателски избори. Прво треба да заврши внатрепартиската битка, за потоа летото 2024 да биде формално избран кандидатот.