Членовите на СДСМ гласаат на првите директни избори за партиски лидер, на кои актуелниот претседател на партијата, Зоран Заев е единствениот кандидат.
На едно од гласачките места во центарот на Скопје што го посети „360 степени“ може да се забележи поголема раздвиженост, а гласањето се одвива според постојните мерки за заштита од ковид-19.
Изборите ги спроведува Централна изборна комисија на СДСМ во сите 80 општински организации, а ќе се гласа на 237 избирачки места.
Не се очекуваат поголеми изненадувања во поглед на исходот од внатрепартиски избор, односно реизборот на Зоран Заев e повеќе од извесен. Но, неизвесно е кои ќе бидат неговите најблиски соработници на „Бихаќска“ во новиот мандат на чело на партијата, со оглед на кадровските промени што тој ги најави.
Одлуките за следните позиции во хиерархијата на СДСМ, според информациите на „360 степени“, ќе се носат кон крајот на април, кога Заев прво ќе треба да го утврди својот предлог за негов заменик, за чиј избор потоа ќе одлучуваат делегатите на конгресот.