Декларацијата за соработка ја потпиша и Беким Ќоку – експратеник во македонското Собрание и претставник на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, за која пред два месеца беше најавено дека ќе учествува на парламентарните избори во земјава преку свои претставници кои имаат македонско државјанство
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, и лидерите на трите опозициски партии на Албанците обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ денеска во Скопје и официјално ја потпишаа декларацијата со која се официјализира нивното обединување на претстојните претседателски и парламентарни избори.

Потпис на декларацијата ставија лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши, на Демократско движење, Изет Меџити, и на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Декларацијата за соработка ја потпиша и Беким Ќоку – експратеник во македонското Собрание и претставник на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, за која пред два месеца беше најавено дека ќе учествува на парламентарните избори во земјава преку свои претставници кои имаат македонско државјанство.

Со потпишувањето на заедничката декларација, како што истакнаа партиските лидери, се поставуваат темели на новата ера на партиите на Албанците во Северна Македонија. Порачаа дека декларацијата е резултат на оценката оти е дојдено времето за голема политичка промена во државата.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој е претседателски кандидат на коалицијата, изрази надеж дека по 8 мај ќе се случи, како што вели, долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок.

„Многу сум среќен што ја потпишавме оваа декларација за соработка и што сум дел од ова движење. Седумнаесетти февруари е создаден да биде голем ден во историјата на Албанците. Се надевам на 8 мај ќе се случи долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок“,
изјави Таравари.
Инаку, неодамнешниот повик на Таравари до партиските тела да го поддржат во одлуката за заеднички изборен настап на Алијанса за Албанците со опозициските партии на Албанците предизвика раздор во партијата. Тој се најде во судир со поранешниот партиски лидер и актуелен претседател на Централното собрание на Алијанса, Зијадин Села, кој спротивно на Таравари смета дека партијата треба да оди сама изборите.