Двајцата премиер заклучиле дека процесот нема да биде кредибилен доколку не бидат прифатени утврдениот напредок на Северна Македонија и на Албанија во октомврискиот извештај на Европската комисија, заедно со повторената препорака дека двете земји ги исполнуваат условите да ги почнат преговорите
Во декември има клучен прозорец во однос на политиката за интеграција на ЕУ кон Западен Балкан, а процесот нема да биде кредибилен доколку не бидат прифатени утврдениот напредок во досието на Северна Македонија и Албанија во октомврискиот извештај на Европската комисија, заедно со повторената препорака дека двете земји ги исполнуваат условите да ги отпочнат преговорите со Унијата.
Ова, како што соопштија од Владата е заклучено на денешната средба на премиерот Зоран Заев со холандскиот премиер Марк Руте, кој е во прва официјална посета на земјава.
Заев, како домаќин на холандскиот премиер, изразил задоволството од интензивираниот политички дијалог на високо ниво во последните неколку години.
„Холандија е важен партнер на Северна Македонија во НАТО. Постигнавме силни билатерални врски и развивме соработка во последните 28 години. Дополнително, Холандија стана најпосветен поддржувач на нашите напори за интеграција во ЕУ“,
се наведува во владиното соопштение.
Заев нагласил дека Владата на Северна Македонија силно ги цени охрабрувачките пораки на холандската поддршка за процесот на интеграција во ЕУ. Беа поздравени и постигнувањата во областа на зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото со акцент на потребата од континуирано и посветено спроведување на стандардите и реформските цели на ЕУ.
На средбата, Заев изразил благодарност за доследната холандска поддршка во градењето на Северна Македонија како европска демократија, слободно општество и слободна пазарна економија, нагласувајќи дека Холандија е најголемиот билатерален донатор, а Северна Македонија е под холандската конституенца во Светска банка.
Заев го информирал Руте и за најновата иницијатива „Отворен Балкан“ меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, која, како што се посочува, има за цел да го демонстрира заедничкиот капацитет на регионот и да донесе конкретни придобивки за нашите граѓани и бизниси што е комплементарно со пристапниот процес преку кој ќе овозможи подобро да се подготвиме за целосна интеграција во политиките на ЕУ.
Руте изразил поддршката за процесот „Отворен Балкан“ и додал дека иницијативата треба да остане отворена и за другите држави во регионот.