Кусата информација и фотографија од средбата е објавена на фејсбук-профилот на Амбасадата на Русија во земјава. Од фотографијата се забележува дека рускиот и министерот на Малта седат еден спроти друг, а Османи е седнат на чело на масата
Шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, попладнево на маргините на Министерскиот совет остварил средба со идниот претседавач на Организацијата, министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг. На средбата е присутен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Кусата информација и фотографија од средбата е објавена на фејсбук-профилот на Амбасадата на Русија во земјава. Под фотографијата пишува:
„Сергеј Лавров со министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Малта – сегашен и иден претседавач на ОБСЕ.“
Од фотографијата која ја објави руската амбасада се забележува дека рускиот и министерот на Малта седат еден спроти друг, а Османи е седнат на челната позиција на масата.
Засега нема подетални информации што се разговарало на средбата помеѓу актуелниот, идниот претседавач со ОБСЕ и рускиот министер Сергеј Лавров.
Инаку, на дводневниот состанок на ОБСЕ во Скопје, меѓу другото, треба да се потврди претседавањето на Малта со ОБСЕ за 2024 година, кое беше одлучено со консензус на минатонеделниот подготвителен состанок и Постојаниот совет од страна на амбасадорите на 57 земји учеснички на ОБСЕ.
Изборот на Малта за иден претседавач со ОБСЕ беше постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за единствената земја кандидат за претседавањето со Организацијата за 2024 година – Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и Белорусија.