Ски центарот на Попова Шапка информира дека дека поради појава на густа магла, заради безбедносни причини, запрени се шестоседата жичница, двоседата жичница „Церипашина” и ски-лифтот „Ге”.

Оттаму информираат дека во текот на денот, поради појавата на магла и намалената видливост, на Шапка се загубиле 30 посетители кои подоцна со помош на лицата одговорни во рамки на Ски-центарот “Попова Шапка” биле пронајдени.
„Тројца од посетителите кои беа повредени, беа извлечени, од страна на спасителните служби, на пристапно место каде што со помош на Итната медицинска помош, еден од нив, е пренесен во медицинска установа за понатамошно лекување“,
додаваат од Ски-Центарот Попова Шапка.

Посетителите кои се изгубиле велат дека го користеле новиот шестосед за да се искачат на врвот на скијачката патека, но откако се симнале од него, маглата била толку густа што не успеале да се ориентираат.
Од МВР информираат дека и тие во 10,30 добиле телефонски повик од двајца тетовци на возраст од 15 и 19 години кои пријавиле дека поради неповолните временски услови се изгубиле и не знаеле каде точно се наоѓаат.

„Полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка и екипи од „Елем Турс’ веднаш презеле соодветни мерки за нивно пронаоѓање и ги пронашле двајцата тетовци, како и уште 7 други лица од Скопје, Куманово и соседно Косово кои, исто така, се изгубиле во тој реон. Деветте лица на возраст од 15 до 45 години, околу 12 часот и 30 минути се безбедно вратени“,
соопшти МВР.
