На терен и денеска продолжува отстранувањето на доградбите на дел од објектите
Не е точно дека Општина Центар не издала налог за рушење на летните тераси – реагираа сопственици на локали на улицата „Ленинова“, откако вчера објавивме дека дел од угостителите самоиницијативно започнале со отстранување на доградбите поради тоа што наскоро треба да започнат подготвителни активности за реконструкција на улицата.
Тие реагираат затоа што од Општина Центар биле принудени да се иселат во рок од 12 дена преку известување, за што сметаат дека не е коректно, бидејќи за доградбите поседуваат елаборат и друга документација, а дополнително, за нив досега плаќале уредно.

Од Општина Центар во изјава за „360 степени“ денеска велат дека за отстранување на доградбите испратиле допис до Град Скопје уште на шести март годинава, додека угостителите го добиле овој допис на 16 март 2026 година.
Во дописот се вели оти поради реализација на проект за реконструкција на коловозот и тротоарот на улицата „Ленинова“, се задолжуваат сите корисници на јавна површина да ја отстранат поставената урбана опрема најдоцна до 1 април, а доколку не постапат по ова известување, ќе следува преземање соодветни инспекциски мерки, согласно законските прописи, вклучително и присилно отстранување на опремата на трошок на сторителот.

На терен и денеска продолжува отстранувањето на доградбите на дел од објектите. Механизација и работници отстрануваат платформи, железа, и плочки кои зафаќаат дел од тротоарот.

Како што веќе објавивме, за улицата „Ленинова“ се очекува во текот на неделата да започнат подготвителни активности за реконструирање од потегот кај крстосницата со булеварот „Партизански одреди“, па сè до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од Општина Центар информираат и дека улицата ќе добие нов лик, а би требало да изгледа како првиот крак, од другата страна на „Партизански одреди“, што беше пуштен во употреба во 2023 година.
Со реконструкцијата се предвидува уредување на зеленилото, реновирање на тротоарите, велосипедските патеки, како и поставување нови канделабри и урбана опрема. За обновување на овој крак од улицата се предвидени 35 милиони денари без ДДВ, средства обезбедени од повикот на Владата за финансирање проекти со пари од унгарскиот кредит.
