Амбасадорката Агелер порача дека ова е поддршка и за пациентите, но и за посветениот медицински персонал на Клиниката, кој работи добро и на посветен начин
Комплетно е реновиран првиот кат за интензивна и постинтензивна нега на Клиниката за гастроентерохепатологија, вклучувајќи ги кабинетите за дијагностика и интервенции, со што пациентите отсега ќе добиваат современи медицински услуги.
Реновирањето е во најголем дел финансирано од Владата на САД, конкретно од Командата на САД за Европа, која даде над 400 000 американски долари.

„Пациентите кои имаат потреба од дијагностика и интервенции, ќе бидат прегледувани и третирани во новоопремени кабинети за дијагностички и интервентни процедури. Ова е прво вакво реновирање, откако е формирана Клиниката за гастроентерохепатологија“,
изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на Клиниката.
Министерот за здравство Фатмир Меџити им се заблагодари на САД и порача дека Владата ќе остане посветена на унапредување на здравствениот систем.

„Работиме на подобрување на условите за лекување на пациентите, осовременување на инфраструктурата, реорганизација и подобрување на услови за вработените. Токму инвестирањето во сите региони подеднакво е мој фокус и развивање регионални центри низ државата, за што имаме изготвено детален план за реорганизација на здравствениот систем“,
рече Меџити.
На настанот присуствуваше и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, која порача дека ова е поддршка и за пациентите, но и за посветениот медицински персонал на Клиниката, кој работи добро и на посветен начин.

„Целиот кат на Клиниката е целосно реновиран и значително го подобри не само нејзиниот капацитет туку и нивото на услуга што им ја дава на граѓаните“,
рече Агелер.
