Овој снег е мек и нема да биде добар за скијање. Со снегот имаме само можност за нови фотографии преку кои ќе доловиме една снежна бајка на скијачкиот центар, велат од сместувачките капацитети

Десетина сантиметри нова снежна покривка од утринава има на Попова Шапка. На социјалните мрежи се споделуваат фотографии од новата снежна атмосфера во скијачко-рекреативниот центар. Освен на Попова Шапка, снег утринава има и во Маврово. На фејсбук-страницата на Националниот парк „Маврово“ споделена е фотографија од снежна покривка, која во споредба со таа на Попова Шапка е помала.
„Зимата никако да си оди“, се вели во описот под фотографиите објавени на фејсбук-страницата „We have snow“.
„Ноќеска наврнаа 10-20 сантиметри снег на Попова Шапка. Но, овој снег е мек и нема да биде добар за скијање. Со снегот имаме само можност за нови фотографии преку кои ќе доловиме една снежна бајка на скијачкиот центар“,
изјави за МИА менаџер од угостителско-сместувачкиот објект „Конак“.
Ски-центарот Попова Шапка уште на 19 март извести дека поради високите температури и немањето соодветни услови за скијање официјално се затвора зимската сезона, а сместувачките капацитети веќе ги објавуваат понудите за престој во летната сезона која почнува на 1 мај.