„Тежнееме да ги исполниме целите на Светска здравствена организација која имплементира глобална стратегија за елиминација на хепатитот до 2030 година“, вели министерот за здравство Фатмир Меџити

фото: фејсбук-профил на Фатмир Меџити
Настан по повод Светскиот ден за борба против хепатит, со цел подигнување на свеста кај граѓаните за рана дијагностика на болеста, се одржа денеска во Скопје. На настанот граѓаните имаа можност да направат бесплатен преглед на црниот дроб.
Министерот за здравство Фатмир Меџити на настанот ја истакна сериозноста на хепатитот и важноста за негово рано откривање.

„Хепатитисот е глобален здравствен предизвик кој влијае на милиони животи ширум светот и токму затоа борбата со него во никој случај не може да биде едноставна и за да се справиме со него ни е потребен интегриран и сеопфатен пристап“,
изјави Меџити.
Министерот нагласи дека подигнувањето на свеста за хепатитисот преку обезбедување достапни информации и активности на терен е фокусот на овој настан.
„Раното откривање е од огромна важност и токму поради тоа скринингот и тестирањето играат витална улога во идентификувањето на инфекциите во раната фаза кога и самата терапија може да биде највлијателна“,
додаде Меџити.

Министерот истакна дека според статистиките, минатата година биле евидентирани 83 нови случаи на пациенти со хепатитис од кои 43 случаи се со хепатитис Б.
„Тежнееме да ги исполниме целите на Светска здравствена организација која имплементира глобална стратегија за елиминација на хепатитисот до 2030 година“,
додаде тој.
Директорката на Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија, д-р Калина Гривчева Старделова, смета дека е направен голем чекор во 2018 година, од кога и во нашата држава е достапна антивирусната терапија за хепатит Ц, која во последните две-три години Клиниката сама ја набавува и пациентите можат да ја користат.