Жителите на скопската населба Влае, каде што се случи дефектот, велат дека вчеравечер слушнале силна експлозија од што се треселе куќите, а првично мислеле дека станува збор за земјотрес

Дефектот во мрежата што синоќа остави половина Скопје со сериозно намален капацитет и притисок на водата настанал поради пукање на цевка ф-600 (широчина од 60 сантиметри), соопштија од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. До пукањето дошло поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец. Проблемите со водоснабдувањето беа забележани во Влае, Ѓорче Петров, Карпош, Тафталиџе, Центар и во други делови.
Од „Водовод и канализација“ велат дека како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија е предизвикана варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем.
Жителите на скопската населба Влае, каде што се случи дефектот, велат дека вчеравечер слушнале силна експлозија од што се треселе куќите. Првично жителите во околните куќи мислеле дека станува збор за земјотрес. Но, кога излегле надвор, виделе дека на улицата има голема дупка од каде истекува вода.



Според изјавите на жителите, експлозијата била толку силна што парчиња асфалт летале на улицата.
Жител на Влае, кој живее во близина, вели дека било прашање на време кога ова ќе се случи.
„Овде асфалтот на оваа уличка е неколку сантиметри, а за изградба на згради тука поминуваат огромни и тешки камиони. Беше прашање на време кога ова ќе се случи“,
додава тој во изјава за МИА.
Жителите на Влае велат дека екипите на „Водовод и канализација“ веднаш пристигнале на местото, каде што виделе дека има дупка со површина од повеќе од десет квадратни метри и длабочина од околу еден метар, при што по улицата буквално течела „помала река“.
Екипите првично импровизирано го обезбедиле местото со старо буре за да се спречи возило да пропадне во огромната дупка.
Работите за санација на дефектот, односно копањето за да се дојде до оштетената цевка, започнуваат утрово.
Од „Водовод“ информираат дека иако станува збор за навистина сериозен дефект, успеале да обезбедат поголем доток на вода за градот преку цевката од другата страна на Вардар. Со тоа, се очекува граѓаните да имаат нормално водоснабдување.