Во Скопскиот Регион на неколку локации има паднати дрвја и скинати кабли, а во Тетовско во две села се паднати бандери

Поради силен ветер летна лимената конструкција од покривот на СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Случајот, како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), е пријавен на единствениот број за итни повици 112.
Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.
Од ЦУК додаваат дека за настанот се известени територијалната противпожарна единица во Гевгелија, општинските власти и полицијата, кои треба да преземат понатамошни мерки во согласност со своите надлежности.


Освен во Гевгелија, од ЦУК велат дека силниот ветер има предизвикано проблеми и во Скопскиот Регион, каде на шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли што предизвикале материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата, како што велат од ЦУК, се известени Секторот за внатрешни работи Скопје и Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кои преземаат мерки во рамките на нивните надлежности.

Проблеми има и во Тетовскиот Регион, каде што се паднати две бандери. Во текот на ноќта во селата Нераште и Глоѓи во општина Теарце се паднати две бандери од „Македонски Телеком“.
Од ЦУК велат дека во селото Нераште бандерата е падната покрај патот и не го блокира сообраќајот, додека во селото Глоѓи е падната преку патот. За случајот велат дека е известен „Македонски Телеком“, а проблемот ќе се решава во текот на денот.
