Пепел, уништени дуќани, изгорената електрична инсталација и мирис на изгорено, ваква е сликата по расчистувањето на остатоците на пожарот во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, кој избувна на 2 јануари годинава и пеплоса поголем дел од овој објект.

Како што јави МИА и денеска повеќе екипи на ЈПКД „Комуналец“ и други компании работат на миење на поршините и отстранување на изгорената електрична инсталација.


„И во наредните денови ќе продолжиме со миење и чистење на сите површини за да се подготват за санација и изведување на градежни работи. Работиме според утврдената динамика и благодарение на ангажманот на нашите работници, но и на повеќе компании кои несебично помагаат со работна рака и механизација, се надевам дека во планираниот термин ќе ја завршиме и оваа фаза од отстранувањето на штетите од пожарот“,
вели Бранко Ѓоргиев од струмичкото комунално претпријатие за МИА.

Од „Глобал“ се извадија околу 370 тони најразличен отпад. Опожарен беше голем дел од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а урнат е и дел од покривот.