Актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат порача дека изградбата на паркови, културни објекти и јавни содржини, кои обединуваат луѓе, не смее да запре и ја побара довербата од скопјани во вториот круг од локалните избори

Денес во Градскиот парк, Град Скопје започна со поставување на првата од трите летни сцени наменети за одржување на културни настани на отворено, за која актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ за нов мандат, Петре Шилегов, вели дека ќе биде новата гордост на паркот.
Станува збор за сцена за монтажна и мултифункционална сцена на отворено, со движечки челични профили, наменета за одржување на музички настани, изложби, театарски претстави, уметнички перформанси и разни други собири. Сцената беше избрана на јавен конкурс во конкуренција на 12 други проекти. Рокот за поставување е 60 дена.

„Мултифункционалната сцена ќе биде новата гордост на Градски Парк. Местото каде ќе се одржуваат најубавите настани, градски фестивали, местото каде многу скопски уметници за прв пат ќе застанат на сцена и каде публиката ќе има можност да ужива во незаборавни моменти“,
изјави Шилегов на отворањето.
Поставувањето на отворени сцени, нагласи тој, започна веднаш по започнувањето на пандемијата со ковид-19, а Скопје, според Шилегов, беше првата европска метропола која презема кризни мерки за опстанок на културата.

На прес-конференцијата тој порача дека изградбата на паркови, културни објекти и јавни содржини, кои обединуваат луѓе, не смее да запре и ја побара довербата од скопјани во вториот круг од локалните избори.
„Ајде да се обединиме за модерен град кој вложува во иднината, а не во минатото. Да дадеме поддршка за Скопје кое ги поддржува младите да градат семејства тука и кој силно вложува во здрава иднина, чист воздух и модерна инфраструктура“,
рече Шилегов.