Во известувањето што вчера Министерството за економија го доставило до трговците е наведено дека причината за ваквиот чекор е значителниот пораст на побарувачката поради која се нарушува редовното снабдување и со цел да се избегне непотребен недостиг на масло за јадење. Ограничувањето ќе трае до 31 мај година
Купувањето масло за јадење во маркетите во текот на денот ќе се ограничи за да не се купуваат цели пакети, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, кој вчера доставил известување до трговците.
„Во текот на денот ќе биде ограничена продажбата на мала количина во единечно пакување. Се препорачува да не се дозволува продажба на масло за јадење од сончоглед во големи количини, односно количини пакувани во пакети“,
вели Бектеши.
Во известувањето што вчера Министерството за економија го доставило до трговците е наведено дека причината за ваквиот чекор е значителниот пораст на побарувачката поради која се нарушува редовното снабдување и со цел да се избегне непотребен недостиг на масло за јадење.
„Министерството за економија во текот на вчерашниот ден достави известување до сите трговци со кое ги известува дека поради значајниот пораст на купување масло за јадење од сончоглед од страна на домашни купувачи во однос на редовната потрошувачка на маслото од сончоглед за јадење во домаќинството, како и странски купувачи, со што се нарушува редовното снабдување на домашниот пазар. За да се одржува тековната состојба на домашниот пазар со масло од сончоглед за јадење во продавниците и да се избегне непотребна појава на недостиг на масло од сончоглед за кај трговците на мало, ограничувањето по купувач ќе важи до 31 мај 2022 година“,
вели Бектеши.
Министерот во објавата ги замолува трговците на мало во случај кога купувач бара да купи поголеми количини на масло од сончоглед за јадење во текот на денот, веднаш да го известат Државниот пазарен инспекторат.

Министерот синоќа го гостувањето на „Топ тема“ на Телма ТВ кажа дека масло за јадење има доволно, и дека граѓаните непотребно купуваат во големи количини поради што е дојдено во ваква ситуација. Колку за споредба, побарувачката, рече тој, е зголемена за два пати во однос на лани.
„Граѓаните непотребно купуваат масло за јадење, а со тоа ја зголемуваат и побарувачката за двапати повеќе од минатата година, а ние неколку пати укажавме дека со тоа ја влошуваат состојбата и влијае на цената. Во делот на зејтинот, денес имав можност да разговарам со сите производители и повеќето национални синџири трговци во нашата држава, каде што се утврдени некои работи поради кои нема масло за јадење на рафтовите. Треба да се каже јавно, дека побарувачката од страна на купувачите е зголемена повеќе од двапати од просечната, од тоа што била минатата година и од тоа што била во претходните месеци, што значи дека се купува масло за јадење непотребно и тоа сум го кажал во неколку наврати, дека тоа може да ја влоши состојбата и да влијае и на цените на маслото за јадење“,
рече синоќа Бектеши.
