Од Општина Крива Паланка велат дека граѓаните не треба да ги користат пешачките мостови на Крива Река, а т.н. „Осички мост” е затворен за сообраќај

Крива Река и Киселичка Река вечерва се излеаја и предизвика големи штети, однесени се пешачки мостови, поплавени се домови на граѓаните, а селото Т’лминци со над дваесетина жители е отсечено.
Од Општина Крива Паланка велат дека се преземаат сите мерки и оти состојбата е под контрола.
„Граѓаните се повикуваат на смиреност, службите од општината се на терен, се превземаат сите мерки, состојбата е под контрола. Поради обилните врнежи дојдено е до поголемо излевање на повеќе долови, Домачки Дол, Куков Дол, Киселичка река, а надојдените водотеци, долови и буици предизвикаа излевање на Крива Река“,
се вели во соопштението од Општина Крива Паланка.
Од Општината велат дека граѓаните треба да останат смирени и крајно внимателно да се однесуваат и да постапуваат, особено во реонот по десниот брег од течението на Крива Река, како и во реоните кадешто има појава на свлечишта.
Исто така, од Општина Крива Паланка велат дека граѓаните не треба да ги користат пешачките мостови на Крива Река, а т.н. „Осички мост” е затворен за сообраќај.

Општинските служби информираат дека со пумпи се врши испумпување вода во неколку куќи кај местото викано Тополки кај населбата Мизовски Ливади, а кај градскиот базен постои опасност од излевање на реката. Водите на Крива Река однесоа повеќе пешачки мостови кај Пашина Воденица и т.н. Карчов Мост, спроти градскиот пазар.
„Сите настанати штети, но и состојби од терен со излевање или појава на свлечишта да се пријават кај лицето за контакт од Општина Крива Паланка, Даниела Велковска, на телефонскиот број 075 229 000“,
се додава во соопштението.
Поради свлечиште целосно е во прекин сообраќајот на патниот правец од Крива Паланка кон селото Луке.
Како што информира АМСМ, сообраќајот е во прекин во двата правци од 21:00 часот.
„Невреме со пороен дожд и силен ветер попладнево го зафати и Куманово и Кумановско,што предизвика поплавување на улиците во централното градско подрачје, бидејќи шахтите не ја апсорбираа големата количина на вода, а силниот ветер откорна и неколку дрвја“,
информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

Попладнево од Центарот за управување со кризи предупредија дека поради зголемен водостој на Крива Река и на нејзините притоки можно е да дојде до нивно излевање пред вливот во реката Пчиња, а поради зголемен доток можно е да има притисок врз дел од некои мостовски конструкции.