Портпаролката на СДСМ ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Јавното обвинителство да не молчат, туку да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на премиерот Христијан Мицкоски
Антикорупцискиот тим на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), следејќи ја трагата на парите, открива дека директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски е редовен донатор на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Ова денеска на прес-конференција го соопшти Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, посочувајќи дека како донатор на владејачката партија се јавува и неговиот зет, Петко Кутаноски.

Ова, како што посочи, се причините зошто деновиве Томовски се труди да покаже дека нема никаква поврзаност со фирмата, за која од СДСМ обвинија дека добила 161 тендер или 5,3 милиони евра преку тендери.
„Иако Витомир е негов татко, Кутановски негов роднина, внукот, зетот се негови, дури и неговиот број е пријавен како контакт во семејната фирма. Зошто е нервозата? Затоа што сте фатени живи“,
вели таа.
Но, во секоја антикорупциска борба, додаде дека е најважно да се следат трагите на парите. Па така, тимот на СДСМ открива дека Томовски е редовен донатор во владејачката партија.
На прес-конференцијата, Кузеска покажа документи, на кои се гледа колку пари Томовски донирал во ВМРО-ДПМНЕ, како и дека меѓу донаторите е и неговиот зет, Петко Кутаноски.
„Тој е еден од оние што најмногу сакаат да се истакнат со големи суми. Само во 2021 година донирал 8 000 евра на ВМРО-ДПМНЕ. 499 700 денари, 100 000 денари, 70 000 денати, 100 000 денари, редовно Томовски уплаќа на сметката на партијата. И не само тој, донатор е и неговиот зет, Кутаноски. Семејна фирма, семејни донации“,
кажа портпаролката.
Според неа, јасно е дека парите завршуваат во седиштето на партијата или како што го нарече „Белата палата“.
Ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Јавното обвинителство да не молчат, туку да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на премиерот Христијан Мицкоски.
„Крадењето на народот мора да престане, сите криминалци да одговараат“,
рече Кузеска.
Најави дека Антикорупцискиот тим на СДСМ ќе продолжи да ги открива криминалите на власта на Мицкоски.
Ова се документите што како доказ ги приложи Кузеска на прес-конференцијата за донациите на Томовски во ВМРО-ДПМНЕ:
Претходно, од СДСМ посочија дека обидите за одбрана на Томовски се контрадикторни, бидејќи тој ги потврдува семејните релации и личните податоци поврзани со фирмата, но ја негира неговата деловна поврзаност со неа.
„Што вели Томовски сублимирано во една реченица: Бројот е мој, таткото е мој, зетот и внукот се мои, се е мое, ама немам никава врска со фирмата. Нема бегање Томовски, фактите се јасни, потврдени со документи и јавно објавени“,
пишува во реакцијата од опозицијата.
СДСМ објави дека фирмата која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра е негова семејна.
Според партијата, фирмата првично се викала „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето бил Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител бил Слободан Кутановски, нивен близок роднина. Подоцна си го сменила името во „Сити аутсорсинг“.
На прес-конференција вчера се објави и дека меѓу телефонските броеви за контакт што ги навела фирмата „Сити аутсорсинг“ е и 078-362-710, а кога тој број ќе се провери, излегува слика на Ивица Томовски.
Подоцна, тој потврди дека бројот е негов, но оти нема никаква поврзаност со фирмата „Сити аутсорсинг“.
