СДСМ веќе слави победа на изборите за градоначалник во Штип. На градскиот плоштад приврзаниците ја прославуваат победата во придружба на музика, а во партискиот штаб пристигна и кандидатот за градоначалник Сашко Николов, кој се очекува да има обраќање.
Во меѓувреме, неколку функционери и истакнати членови на СДСМ преку социјалните мрежи објавија честитки за победата на нивниот кандидат за градоначалник на Штип, Сашко Николов.
Меѓу нив е и партискиот портпарол и пратеник, Костадин Костадинов.
„Огромна победа за победнички сдсмовски Штип, но уште поголема победа за цела Македонија! За модерен, за европски Штип, со мојот другар Сашко Николов“,
напиша Костадинов.
Честиташе и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
„Мојот другар, мојот доктор, Сашо Николов, нов градоначалник на Штип. Честитки Сашо, честитки Штип“,
вели Шилегов.
Победа на Николов прогласи и Андреј Жерновски.
Од Општинската организација на СДСМ во Штип, пак, првично излегоа со процена дека изборите се успешни со тоа што на гласање излегле 14 500 граѓани, односно повеќе од една третина од запишаните избирачи.
Претседателот на ОО СДСМ-Штип, Александар Канагалов, рече дека аналитичкиот центар на СДСМ ќе ги чека резултатите, по што ќе се знае дали во првиот круг е избран градоначалник или ќе има втор круг на 27 декември.
Изборите во Штип ги бојкотираше најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Покрај името на Сашко Николов од СДСМ, на гласачкото ливче се најдоа уште четири други кандидати: независниот кандидат Трајче Митев; Лазар Наумов, музичар од партијата ТМРО; Гоце Ангелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, а составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација-Работничка партија, како и Симон Поликарп-Џими како кандидат на Интегра.