Жител на Сараево нелегално се приклучил на уличен хидрант, кој го користат противпожарни единици, за да си го наполни базенот со вода. Веста ја пренесуваат повеќе балкански медиуми откако од јавното комунално претпријатие „Водовод и канализација“ од Сараево го објавиле случајот на Фејсбук, заедно со фотографии и од хидрантот и од базенот.



„На ден 23.7.2022 година, околу 01:00 часот, припадници на службата за контрола на ЈП „Водовод и канализација“ Сараево открија неовластено користење на водни услуги.
Штом добивме информации за наведеното случување, екипа на службата за контрола излезе на лице место и во таа прилика утврдија неовластено користење на водни услуги, на начин што еден потрошувач неовластено користел вода од уличен хидрант, така што си го полнел приватниот базен“,
се вели во соопштението на сараевското претпријатие.
Од комуналното претпријатие велат и дека против „крадецот“ ќе бидат преземени соодветни правни мерки. Во исто време, им заблагодаруваат на граѓаните кои го пријавиле случајот.