Македонија не се политичарите, Македонија се нејзините артисти и уметници, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на синоќешната церемонија на која со Орден на заслуги одликува седуммина истакнати уметници од земјава
Седуммина културни работници од земјава вчеравечер беа одликувани со Орден на заслуги од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски. На свечена церемонија во македонската филхармонија вчеравечер ова признание им беше доделено на актерите Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски и Рефет Абази, писателката Оливера Николова, музичарот Ристо Вртев и режисерот Слободан Унковски.
„Македонија се ние политичарите, Македонија се нејзините артисти и уметници. Иако сме мала земја, можеме да се пофалиме со извонреден уметнички и креативен потенцијал и со исклучителни автори и уметници врз чијшто опус почива арматурата на современата македонска култура“,
рече Пендаровски на синоќешната церемонија во Филхармонија.

Во своето обраќање на церемонијата, претседателот се осврна поединечно на опусот на секој од седумтемина уметници кои беа одликувани со Орденот на заслуги на РСМ.
За писателката Оливера Николова, чие најистакнато дело е детската книга „Зоки Поки“, претседателот кажа дека е едно од најголемите имиња во македонската литература за деца со чиишто книги растеа, растат и ќе растат генерации деца и млади. Во период кога зачестија ирационалните негирања на македонскиот јазик, рече Пендаровски, еден од најголемите показатели за неговото и нашето постоење е големата ризница дела создавани на тој јазик. Голем удел во тоа има и творештвото на Николова.
Музичарот Ристо Вртев, најпознат како композитор, текстописец и вокалист на музичката група „Архaнгел“ беше единствениот од музичката сцена кој го доби Орденот на заслуги на вчерашната церемонија. За него, претседателот Пендаровски кажа дека е автор кој со своето творештво создаде незаборавен поетски и композиторски опус одбележувајќи ја авангардната култура. Тој опус, рече претседателот, не старее иако генерациите се менуваат.

Режисерот Слободан Унковски се одликува за огромното, уникатно и светско значење во современиот театар.
„Без режисерската палка и визијата за сценско обликување на драмското дело, актерите би ја немале можноста да креираат, трансформираат и пресоздаваат. Слободан Унковски е уникатно поглавје не само во македонската театарска историја, туку и во светската. Тој го издигна македонскиот театар и поширокиот културен контекст на највисоко рамниште, а преку својата режисерска умешност ја промовираше нашата современа култура низ светот“,
рече Пендаровски одликувајќи го Унковски.

Со Орден на заслуги на вчерашната церемонија во македонската Филхармонија беа одликувани и актерите Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски и Рефет Абази за нивниот придонес во македонскиот театар.
