Градоначалничката на Кисела Вода упати апел до граѓаните доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните парни правци сè до целосно отстранување на дефектот
Распука асфалтот на патот што води кон населбата Теферич во Општина Кисела Вода. Ова е констатирано од денешниот увид на терен направен од градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменковска-Трајкоска, и од градоначалникот на Сопиште, Јане Мицевски, по што е донесена одлука за итно затворање на сообраќајот на овој патен правец.

„Интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“,
напиша Стаменковска-Трајкоска на нејзиниот фејсбук-профил.
Воедно, упати и апел до граѓаните доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.
„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција“,
вели градоначалничката на Кисела Вода.
Патот кон Теферич се асфалтираше лани во септември, откако претходно распука. При тогашната санација патот беше затворен неколку месеци.
