Годинава нема да има поворки со маски по повод денот на шегата – први април. Но, се чини, природата најдобро се пошегува со сите нас. Утринава земјава се разбуди под снежна покривка.
Градскиот парк во Скопје изгледа како во бајка.
Управата за хидрометеоролошки работи најави дека времето денеска ќе биде облачно со врнежи од снег, а само во долниот тек на Повардарието ќе бидат од дожд и снег. На повеќе места количината на наврнат воден талог ќе биде над 25 л/м2, а најмногу врнежи ќе има во јужните делови.
Снежна покривка ќе се формира речиси во целава земја, на пониските места и над 10 см, во Пелагонија околу 20 см, а на планините и повеќе. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5 степени.
Во Скопје, облачно со врнежи од снег во текот на целиот ден и во вечерните часови, при што ќе се формира снежна покривка. Ќе дува слаб до умерен североисточен ветер. Максималната температура ќе достигне до 1 степен.