Со пораките „Кожуф е наш“, „Мини хидроелектрани нема да има“, „Сакаат да ја убијат Кожуф Планина“, десетици граѓани симболично во 11:55 часот денеска протестираа против изградба на мини хироцентрали на реката Дошница на планината Кожуф.

Протестот се одржа во планинската населбата Смрдлива Вода. Хидроцентралите е планирано да се градат во месностите „Баров дол“ и „Папради“.

Во нивната Декларација за спас на планината Кожуф, организаторите на протестот бараат Владата да започне постапка за прогласување на планината Кожуф за национален парк.

„Владата на Република Македонија да донесе одлука за стопирање на сите активности поврзани со изградбата на малите хидроелектрани ‘Папрад’ и ‘Баров дол’ на реката Дошница на планината Кожуф, рок – 30 дена. Владата на Република Македонија да донесе одлука за отпочнување на постапка за прогласување на планината Кожуф како Национален парк – рок 90 дена. Владата на Република Македонија да донесе одлука со која ќе го задолжи ресорното министерство за Земјоделие, шумарство и водостопанство за изработка на Проект за трансформација на подржуниците на Државното претпријатие за шуми во Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија во Јавно претпријатие за управување со Националниот парк Кожуф, рок – 90 дена“, стои во Декларацијата.
