Ангелов вели дека Дирекцијата за заштита и спасување добила 18 приспособени моќни теренски возила „пинцгауер“ со резервоари од 1 500 литри, а оти дополнително очекуваат уште пет. Исто така, на располагање им се ставени и 15 приспособени оклопни транспортни возила „БТР 80“ со резервоари од шест тона и пет оклопни транспортни возила „хермелин“ со влечни цистерни од 2, 4, 6 или 8 тона

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ќе добие републичка противпожарна единица, а за гаснење на пожарите ќе располага со модернизирани и приспособени за оваа работа застарени и неупотребливи армиски и полициски возила. Овие возила имаат одлични карактеристики и капацитети за пристапување на тешко достапни терени.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека со овие возила, годинава ќе имаат многу повеќе ресурси за справување со пожарите.
„За првпат имаме неспоредливо повеќе ресурси за борба против шумските и пожарите на отворен простор. Овие возила ќе бидат во рамките на Дирекцијата за заштита и спасување и тие веќе се регистрирани на име на ДЗС“,
рече Ангелов на денешната промоција на возилата.
Станува збор за модернизација на застарената и магационирана опрема од Министерствата за внатрешни работи и за одбрана, како што се старите „БТР 70/80“, „хермелини“ и „пинцгауер“.
Според Ангелов, „пинцгауер“ се можеби едни од најдобрите теренски возила кои може да излезат на секаков терен.
„Од моето поранешно искуство со нив се извонредни возила, можеби едни од најдобрите теренски возила. Иако се постари, тие може да излезат секаде каде што може да излезе само најсовремен и исклучително моќен џип. Овие возила со нивниот резервоар од 1,5 тон може да однесат вода онаму каде и луѓе тешко би се пробиле. На тој начин верувам дека би ни биле од огромна корист“,
додаде Ангелов.
Ангелов вели дека Дирекцијата за заштита и спасување добила 18 приспособени моќни теренски возила „пинцгауер“ со резервоари од 1 500 литри, а оти дополнително очекуваат уште пет. Исто така, на располагање им се ставени и 15 приспособени оклопни транспортни возила „БТР 80“ со резервоари од шест тона и пет оклопни транспортни возила „хермелин“ со влечни цистерни од 2, 4, 6 или 8 тона.
„Сите 43 специјални возила се опремени или се опремуваат со моќни водни пумпи со домет на водниот млаз од 25 до 100 метри“,
вели Ангелов.









Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на промоцијата, рече дека ова се полициски и армиски возила кои повеќе од осум години не биле запалени.
Тој вели дека на овој начин државата заштедува неколку десетици милиони евра, а капацитетите се многу поголеми.
Мицкоски најави и дека во текот на оваа недела треба да стигне и вториот авион на ДЗС што беше на сервис, а третиот се очекува до крајот на овој месец или почетокот на август.
Исто така, додаде Мицкоски, по два армиски и полициски хеликоптери се подготвени за справување доколку има пожари.
„Во функција е и забраната без дозвола за движење во шумски предели и на планините. Така што, кога сето ова ќе се заокружи, можам да кажам дека многу, многу поподготвени сме од кога било во минатото да се справиме доколку има такви предизвици“,
рече Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, информира дека целокупната инвестиција е од општествено одговорни компании и лица и дека државата по првпат добива прва републичка пожарна.
„Пред три месеци земавме за обврска сите возила кои беа расходовани да ги ставиме во функција. Денеска 34 возила за гаснење на отворен пожар се презентирани. Имаат одлични карактеристики и капацитети за справување со тешко достапни терени. Целокупната инвестиција е од општествено одговорни компании и лица“,
рече Јанчев.