Македонската Национална опера и балет во Софиската опера и балет ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди, со што беше отворена оперската сезона во Софија, соопштија од кабинетот на претседателката
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер присуствуваше на настапот на Националната опера и балет (НОБ) во главниот град на соседна Бугарија, Софија. Во Софиската опера и балет, македонската Национална опера и балет ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди, со што беше отворена оперската сезона во Софија. На настанот, покрај претседателката, присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Претходно, Сиљановска-Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, по која изјави дека двете земји ќе трагаат по заедничко решение без никој да се чувствува навреден, и додаде дека со Радев се согласиле и нашата земја да ги добие „научените бугарски лекции“ за да не ги повторува истите грешки во евроинтегративниот процес.
„Ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен“,
рече Сиљановска-Давкова.
Од кабинетот на Радев, пак, соопштија дека Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија.