Малите возила се со носивост од 750 килограми, додека големите се со носивост од 1 800 килограми, кои ќе помогнат во забрзувањето на доставувањето на пратките, што е основната дејност на „Пошта“
„Пошта на Република Северна Македонија“ доби 100 нови возила, инвестиција што треба да ја подобри ефикасноста на поштенските услуги. Од нив, 90 се мали комерцијални возила или популарно наречени пикапи, а 10 се големи комерцијални возила или комби.
На денешната промоција на новите возила присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на „Пошта“, Орхан Куртиши. Заедно посочија дека обновата на возниот парк е неопходна, имајќи ја предвид застареноста на постојните возила, со цел непречено извршување на основната дејност – обезбедување универзална поштенска услуга.
Инвестицијата за новите возила е вредна околу два милиони евра.

Директорот на „Пошта“, Орхан Куртиши, рече дека недостигот на транспортните возила бил проблем што создавал предизвици во извршување на задачите.
„Со оваа поддршка значително ја подобруваме поштенската инфраструктура, олеснувајќи го извршувањето на поштенските услуги, побрзо и поефикасно“,
рече тој.
Кога ја презел функцијата, во магацинот на „Пошта“ имало 600 000 неподелени пратки, кои за една недела се реализирани до граѓаните. Сега, како што додаде, нема ниту една пратка што стои во магацин.
Според него, превозот бил еден од клучните проблеми, нешто што ќе биде надминато со новите возила.
Во одговор на новинарско прашање, Куртиши рече дека во институцијата имало 37 отсто администрација и додаде дека веќе се работи на процес на нејзино намалување. Посочи и дека во установата имало и фиктивни вработувања, нешто што веќе не е случај.

Николоски посочи дека оваа институција била заборавена од претходната влада, за која се спремала физибилити студии за продажба и за приватизација.
„Како резултат на тоа, претходниот генерален секретар на Владата беше правосилно осуден, а за други се водат судски постапки“,
рече тој.
Во описот за новите возила, рече дека малите се со носивост од 750 килограми, додека големите се со носивост од 1 800 килограми, кои, како што додаде, ќе помогнат во забрзувањето на доставувањето на пратките, што е основната дејност на „Пошта“.
При набавката, според него, е постигната значителна финансиска заштеда од над 400 000 евра, односно преку електронска аукција цената била намалена за 25 милиони денари во однос на првично проценетата вредност.
Како што појасни, од иницијално предвидени 130 милиони денари без ДДВ, конечната цена изнесува 104 милиони денари без ДДВ, што, според него, ја прави оваа набавка најповолна од ваков тип во државата.
„Просечната цена по возило се движи меѓу 15 000 и 16 000 евра, што е значително пониско од пазарните вредности“,
рече Николоски.
Според него, „Пошта“ е единствената институција која врши универзална услуга, што значи без разлика дали се работи за најголема пратка или за најмало писмо, кое од Скопје треба да стигне во најмалото село во државата.
Дополнително, додаде дека се планира набавка на нов софтвер и современа сортирка, која, според најавите, ќе биде единствена во регионот и ќе овозможи „Пошта“ да стане една од најмодерните поштенски институции во регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека новите возила ќе овозможат побрза, поефикасна и посигурна испорака на услугите до граѓаните и компаниите низ целата земја.
Владата преку Министерството за транспорт реализираше набавка, која е дел од поширока стратегија за реформи во јавните институции, насочена кон зголемување на нивната ефикасност и функционалност. Во рамки на Планот за раст, Владата предвидува намалување на трошоците за најмалку 15 отсто и зголемување на профитабилноста на „Пошта“ за околу ист процент.
„Ова не е случајна одлука, туку одговор на реална потреба“,
рече Мицкоски посочувајќи дека просечната старост на возниот парк на Пошта досега изнесувала околу 15 години.
Според него, тоа доведувало до чести дефекти, зголемени трошоци, доцнење на пратките и намалена доверба кај граѓаните.
Премиерот нагласи дека со оваа инвестиција се става крај на долгогодишното занемарување на системот и се отвора нова фаза на негово модернизирање. Целта е, како што нагласи, да создадеме современа, ефикасна и одржлива институција која ќе биде сервис на граѓаните и партнер на бизнисите.
Посочи дека „Пошта“ мора повторно да стане сервис на кој граѓаните ќе му веруваат и институција која ќе биде партнер на бизнисите, односно систем кој ќе може да одговори на современите предизвици, особено во време на дигитална трансформација и раст на електронската трговија.
