Лидерот на СОНК, Јаким Неделков, денеска ги оквалификува како шпекулации информациите дека е потпишан договор со Владата и дека било поткупено раководството на синдикатот
По барање на членовите на СОНК, Неделков се согласи да биде отворена седницата на Советот на Синдикатот на која треба да се донесе конечна одлука за тоа дали владиниот предлог за 12-процентно зголемување на платите во образованието и детската заштита е прифатливо за членовите на СОНК
Десетици членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска протестираа пред седиштето на Синдикатот откако по вчерашната средба на СОНК и Владата беше неофицијално соопштено оти штрајкот во училиштата и градинките од утре би бил прекинат доколку понудата за 12-процентно покачување на платите во образовниот и секторот за детска заштита биде прифатен од членството на Синдикатот.





Лидерот на СОНК, Јаким Неделков, денеска ги оквалификува како шпекулации информациите дека е потпишан договор со Владата и дека било поткупено раководството на синдикатот.
„Вчера бевме во Владата и во изјава за медиумите кажавме дека разговаравме и дека останува на членството да се произнесе по предлозите. Од таа причина, сè уште се држат состаноци и се сондира мислењето на членството. И Синдикатот со 50 плус еден глас ќе одлучи за прифаќање или одбивање на понудата“,
изјави Неделков пред насобраните членови на синдикатот додавајќи оти без никаква манипулација одлуките на членството ќе бидат јавни и транспарентни.
По барање на членовите на СОНК, Неделков се согласи седницата Советот на Синдикатот да биде отворена, а според најавите таа треба да се одржи попладне со почеток во 16 часот.
Како што јави Канал 77 над 90 отсто од членовите во 18 синдикални единици кои се во штрајк во Штип се изјасниле против прекин на штрајкот, поради што претседателот на регионалниот советна СОНК Марјан Костадиновски изјавил дека не ја прифаќаат понудата на Владата.
„Со исклучок на градинката „Астибо“ и основното училиште во Карбици сите останати училишта и градинки во Штип ја одбија понудата“,
објави Канал 77.
Сега се очекуваат резултатите од Пробиштип каде освен во градинката сегде трае штрајкот и неофицијално нема расположение кај вработените да го прекинат.
Раководството на СОНК вчера по неколкучасовни преговори во Владата се договори платите да бидат зголемени за 12 проценти почнувајќи од јулската плата откако првично беше одбиен владиниот предлог за 10-процентно зголемување на платите во образовниот и секторот за детска заштита.
Претседателот на СОНК по средбата во Владата изјави дека тоа е максимумот што во моментот можел да се издејствува и додаде.
Тој, сепак, не прогласи крај на штрајкот бидејќи, како што рече, најпрво ќе треба да се информира членството за договорениот процент за покачување на платите, но истакна и дека од среда веќе може да се очекува враќање на децата и учениците во градинките и училишните клупи.