Излевање на неколку реки во Крива Паланка и Берово предизвика невремето кое денеска го зафати истокот од државата.
Се излеа Селска река кај Крива Паланка и ги поплави околните земјоделски посеви. Но невремето предизвика и пожар. Од удар на гром запалени се плевна и куќа, а пожарникарите работат на локализација на пожарите.
Градоначалникот Сашко Митовски вели дека се работи на санација на последиците.
-Вечерва сум на терен заедно со службите на јавното претпријатие „Комуналец” и општинските служби. Се справуваме со последиците од невремето кое траеше повеќе часови откако попладнево ја зафати нашата Крива Паланка. Се излеа Селска Река во Конопница, поплавени се приватни поседи на граѓаните. Заедно сме меѓу нашите сограѓани, се работи на санација на штетите. Во меѓувреме, Територијалната противпожарна единица интервенира на двата пожари предизвикани од гром,
информира Митовски.
Неколку мостови и патни правци беа отсечени кај Берово откако претходно се излеаја повеќе водотеци кај пехчевската туристичка населба Равна Река.
Застој беше забележан и на патот до Граничниот премин Клепало, но од АМСМ велат дека сообраќајот сега е нормализиран. Сообраќајот беше целосно во прекин на три километри до градничниот премин поради излевање на Клепалска река.
Државната агенција МИА пишува дека нивото на водата во реката Брегалница во Берово е критично.