Полскиот претседател утре ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести во Вила Водно од неговиот домаќин, претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, вечерва допатува во дводневна посета на Северна Македонија. На аеродромот во Скопје го пречека шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

„Оваа посета претставува потврда на традиционалното пријателство помеѓу Северна Македонија и Полска, кое неодамна е засилено и со нашето сојузништво во НАТО. Особено ја цениме искрената поддршка за европската интеграција на нашата земја, преку кои го засилуваме нашите пријателски врски“,
вели Османи.
Полскиот претседател утре ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести во Вила Водно од неговиот домаќин, претседателот Стево Пендаровски. Предвидено е двајцата претседатели да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на двете делегации.
Пендаровски и Дуда ќе присуствуваат и ќе имаат обраќања на Македонско-полскиот бизнис форум што ќе се одржи во хотел „Мериот“, а ќе положат и венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.
Во рамки на посетата, предвидено е Дуда да се сретне и со премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери.