Над возилото е извршен и вонреден технички преглед во овластена станица за технички преглед, при што е утврдена неисправност на возилото, односно на уредите за сопирање (сила на кочење на работна кочница и помошна кочница) и уредите што овозможуваат видливост, односно скршено ветробранско стакло
Автобусот е исклучен од сообраќај сѐ до отстранување на недостатоците
Полицијата попладнево во Скопје запре автобус што со неисправни сопирачки превезувал двојно повеќе деца од дозволеното, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи утрово во 7:45 часот на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје изврши контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирма од Скопје, со кој се врши јавен превоз на патници, односно организиран превоз на деца.
„При контролата е констатирано дека во автобусот се превезуваат 85 патника, додека дозволено според сообраќајната дозвола е максимум 48 патника. Значи, возачаот Ј.Д. (63) од Скопје со автобусот превезувал 37 патника, односно деца повеќе од дозволеното“,
соопштија од МВР.
Над возилото е извршен и вонреден технички преглед во овластена станица за технички преглед, при што е утврдена неисправност на возилото, односно на уредите за сопирање (сила на кочење на работна кочница и помошна кочница) и уредите што овозможуваат видливост, односно скршено ветробранско стакло.
Како што информираат од МВР, против фирмата во чија сопственост е автобусот и нејзиното одговорно лица, како и против возачот се преземени мерки и ќе се соочат со законски предвидените санкции.
„Возилото е исклучено од сообраќај сѐ до отстранување на недостатоците“,
се вели во полициското соопштение.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се придонесе за побезбедни патишта.
