Официјалниот дел од протестот започна со пеење на државната химна од страна на оперскиот пејач Игор Дурловски
Скандирања „Македонија, Македонија“, „Никогаш Северна, само Македонија“, „ВМРО-ДПМНЕ“ вечерва почнаа да се слушаат пред владата на почетокот на протестот што го организира опозициската партија под мотото „Премногу е“.
Пред стартот на протестот што беше закажан за 20 часот околу два часа на булеварот пред владината зграда имаше отворено студио на кое се обратија партиски претставници кои изнесоа ставови за актуелните политички случувања, економијата, здравството, образованието …
Официјалниот дел од протестот започна со пеење на државната химна од страна на оперскиот пејач Игор Дурловски.
Во очекување на обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на видеобимот пред владата се пуштаа изјави од граѓани кои ги раскажуваат тешкотиите и маките со кои се справуваат.
Одлуката за протестот ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 17-ти минатиот месец, упатувајќи критики до власта за неспособност за соочување со економската и финансиската криза придружена со постојан пораст на цените и висок процент на инфлација, зголемување на јавниот долг, неефикасна и неодговорна дипломатија за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ.




