Во Тетово досега немаше вакви камери низ градските улици, туку само на влезот на градот од скопска страна. Тетовци се надеваат дека „Безбеден град“ ќе придонесе за средување на хаотичниот сообраќај во градот

Низ тетовските улици и булевари деновиве се поставуваат камери од системот „Безбеден град.“ Во Тетово досега немаше вакви камери низ градските улици, туку само на влезот на градот од скопска страна.
Нашата екипа забележа дека камери се поставени на булеварите „Илинден“ и „Видое Смилевски-Бато“, но граѓаните со кои поразговаравме велат дека забележале такви камери и на други локации.

Тетовци се надеваат дека „Безбеден град“ ќе придонесе за средување на хаотичниот сообраќај во градот.
„Поставувањето камери е неопходно со оглед колку лош сообраќај имаме во Тетово. Прашање е дали ќе се намали хаосот и дали ова ќе придонесе за конечно и тетовци да почитуваат ред и закон“,
рече жител на Тетово.
„Тетово е специфична тема сама по себе. Ако на ниво на цела држава се потфрла во почитување на закони и прописи, Тетово е лидер во тоа, за жал. Ама надежта е голема бидејќи се работи за добро осмислен систем и преку електронски пат би требало да не можеш да ја избегнеш казната“,
вели жителка на Тетово.

Камери од состемот „Безбеден град“ веќе се поставени во Скопје и Куманово, како и по автопатите „Мајка Тереза“ и „Пријателство“.
Тест периодот почна на 1 декември, а системот официјално ќе почне да функционира со казнување на 1 февруари. Министерството за внатрешни работи информираше дека во првите 24 часа од тест периодот се регистрирани над 110 илјади прекршоци.
„360 степени“ во два навреди го тестираше овој систем на улиците низ Скопје, Тетово и Куманови, како и по автопатите на кои се поставени камери. Во следните две видеа можете да видите до какви заклучоци дојдовме:
