„Ова е еден од четирите мегапаркови ветени во мојата програма. Дополнително, предвидуваме изградба на околу 50 мали паркови во сите општини, со што секој дел од Скопје ќе добие свој зелен агол“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски
Запуштениот простор вдолж булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Општина Бутел ќе прерасне во мегапарк со зеленило, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес-зони, односно со содржини за сите возрасти. Ќе се простира на површина од 8 000 квадратни метри. Ова денеска го соопшти новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски го означи почетокот на изградбата на паркот.

Според Ѓорѓиевски, со овој мегапарк почнува реализацијата на првите проекти ветени во неговата програма.
„Ова е еден од четирите мегапаркови ветени во мојата програма. Дополнително, предвидуваме изградба на околу 50 мали паркови во сите општини, со што секој дел од Скопје ќе добие свој зелен агол“,
рече тој.

Според него, инвестицијата во зелени површини е инвестиција во здравјето и иднината на градот.
„Парковите се вистински зелени оази што придонесуваат за поздрав живот и почиста животна средина. Го подобруваат квалитетот на воздухот, го намалуваат ефектот на урбаните горештини, создаваат места за одмор, рекреација и дружење и го поттикнуваат заедништвото меѓу граѓаните“,
кажа скопскиот градоначалник.

Најави дека во следниот период во Општина Бутел ќе се случува вистински инфраструктурен бран, како изградба на кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, како дел од стратегијата за уредување на 50 критични сообраќајници низ Скопје.
„Следува реконструкција на улиците ‘Бутелска‘ и ‘Радишанска‘ со нов асфалт, модерни пешачки патеки, улично осветлување и атмосферска канализација што конечно ќе го реши долгогодишниот проблем со поплавите“,
рече Ѓорѓиевски.
Од поголемите проекти најави реконструкција и на Стар качанички пат и развој на Економската зона – Визбегово, како и ревитализација на реката Серава. Сите овие проекти, според новиот градоначалник, се дел од визијата за Скопје како безбеден, функционален и модерен град кој се развива во корист на граѓаните.
Градоначалникот на скопски Бутел, Костовски, рече дека инвестицијата во зелени површини е инвестиција во здравјето на граѓаните и во иднината на градот.
Проектите како што се изградбата на мегапарк, на нов кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“ и реконструкции на улиците, Ѓорѓиевски ги најави уште во кампањата за локалните избори.
