Студентите побараа оставка од министерот за правда Игор Филков, инсистирајќи на почитување на законските одредби и обезбедување рамноправност
Генералниот секретар на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, рече дека има чист и јасен закон, но има недостиг на волја, кај владата, а особено кај министерот за правда, Филков, кој, како што додаде, прави злоупотреба на службената положба, не почитувајќи го законот
Почитувајте го и не допирајте го Законот за јазиците. Ова денеска го порачаа студентите на протестниот марш што се одржа во Скопје, а на кој го изразија своето незадоволство поради неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
На маршот, на кој се бара правосудниот испит да се полага и на албански јазик, покрај транспарентите со пораки за почитување на Законот за јазиците, студентите во рацете држеа и албански знамиња.
Според фотографиите во дел од медиумите, на протестот се забележува дека се вее и американското знаме, но не и државното знаме.

Студентите побараа оставка од министерот за правда Игор Филков, инсистирајќи на почитување на законските одредби и обезбедување рамноправност.
„Нема држава без млади луѓе. Нашата борба е за правда и еднакви права“,
порачаа студентите.
Дел од присутните упатија и директни пораки до правосудните институции и Уставниот суд.
Поддршка за студентите дадоа и дел од партиските кадри, посочувајќи дека тоа е нивна морална обврска. Негираа дека со нивното присуство даваат политичка заднина на протестот.
Генералниот секретар на Демократската Унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, рече дека има чист и јасен закон, но има недостиг на волја, кај владата, а особено кај министерот за правда, Филков, кој, како што додаде, прави злоупотреба на службената положба, не почитувајќи го законот.
„Министерот Филков лажеше пред јавноста кога велеше дека правосудниот испит е тест за јазична контрола на студентите. Не е така. Тоа е стручен испит“,
вели Адеми.
Во врска со најавениот протест, вчера, премиерот Христијан Мицкоски ги повика студентите да не дозволат да бидат алатка во рацете на една опозициска политичка партија.
Најави дека група од уставни експерти веќе работат на решение.
Маршот започна од плоштадот „Карпошово востание“, а преку Камениот мост заврши пред Министерство за правда.
Протестот помина со засилено полициско присуство, а сообраќајот во централното градско подрачје беше привремено пренасочен.
