Средбата со Арсовска ја оцени како протоколарна, како и дека траела помалку од еден час
Најави дека вечерва од 20:30 часот почнува темелната активност за чистење на градот. Појдовната точка ќе биде паркингот пред спортската сала „Борис Трајковски“
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ѝ подари букет свежо цвеќе на досегашната градоначалничка Данела Арсовска на кусата средба што ја имаа во градската управа на примопредавањето на функцијата – градоначалник на Град Скопје.
Изминатиот период тие имаа вербални преписки на социјалните мрежи за ситуацијата со сметот во главниот град.

Средбата со Арсовска ја оцени како протоколарна, како и дека траела помалку од еден час.
По неа, тој се обрати на медиумите, посочувајќи дека ќе почне со првата активност што ја ветил, а тоа е чистење на Скопје.
„Вечерва од 20:30 часот почнуваме со темелна активност за чистење на градот. Појдовната точка ќе ни биде паркингот пред спортската сала ‘Борис Трајковски‘. Во следните 72 часа ќе дадеме сè од себе да блесне градот, онака како што ветив“,
кажа тој.
Најави дека во чистењето ќе биде вклучена механизација на „Комунална хигиена“, но и камиони од другите градови. Покрај чистењето, ќе се мијат и улиците, но и кејот и на плоштадот „Македонија“.
Во наредните денови ќе има средба со приватните превозници за да се вклучат 60 автобуси во јавниот превоз.
Како приоритетни проекти ги најави тие кај клучката Момин Поток, проширување на улицата „Борис Трајковски“ во булевар и доградба на мостовите во Карпош 4 и во Аеродром, проекти што се почнати во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов, а во мандатот на Арсовска не беа довршени.
Посочи дека ревизија ќе следи за сите јавни претпријатија, но и за Градот Скопје.

На прашањето дали уште вечерва ќе постави нови директори на јавните претпријатија, особено на ЈП „Комунална хигиена“, не даде конкретен одговор.
Според него, тој е адресата што е одговорна за постапките на Градот, пред граѓаните во следните четири години.
„Мојот стил на дејствување ќе биде како практично јас да сум директор на секое јавно претпријатие. Нема да вперувам прст во некого и нема да барам изговор во нечие нефункционирање и непостапување. Јас сум адресата која ќе биде одговорна пред граѓаните во наредните четири години. Ако тие сметаат дека не го водам добро градот, односно мојата иницијатива, и градоначалникот да има можност да биде отповикан од својата функција – стојам зад тоа. Јас сум тука да направам промени и да дадам сè од себе да покажеме дека нашиот народ може да живее добро во главниот град“,
кажа тој.
Ѓорѓиевски денеска и официјално го презеде градоначалничкиот мандат, откако просториите на Градот му беше врачено уверението за функцијата што ќе ја извршува во наредните четири години.
Данела Арсовска денеска го заврши својот четиригодишен мандат како градоначалничка на главниот град, функција на која беше избрана во 2021 година.
