Иран го задржува правото на сите опции за самоодбрана по бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти од САД, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на платформата Икс и нагласи дека нападите од САД се скандалозни и ќе имаат трајни последици

Израелската војска соопшти дека Иран започнал одмазднички напади врз Израел и дека нејзините одбранбени системи работат на пресретнување на заканата. Ова беше првиот одговор на Иран по американскиот напад во текот на ноќта.
Сирени за воздушен напад се огласија во Ерусалим и Тел Авив. Според израелските служби за итни случаи, најмалку 11 лица биле повредени во нападите.

Иран го задржува правото на сите опции за самоодбрана по бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти од САД, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на платформата Икс и нагласи дека нападите од САД се скандалозни и ќе имаат трајни последици.
Иранскиот министер рече дека САД, како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, извршиле сериозно кршење на Повелбата на Обединетите нации со напаѓањето на иранските нуклеарни објекти.
Иранската организација за атомска енергија денеска соопшти дека нема да дозволи развојот на националната индустрија да биде запрен осврнувајќи се на нуклеарната програма на Техеран, главниот град на Иран.

Инаку, во текот на ноќта САД го нападнаа Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл објави дека САД извршиле, како што рече, многу успешен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи го и Фордо.
Израел ги почна нападите на Иран на 13 јуни, при што нагласи дека целта е да го спречи Иран да развива нуклеарно оружје. Техеран постојано негира дека се стреми кон нуклеарно оружје и тврди дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели.