Бугарија испраќа авион на бугарското воено воздухопловство во кој патуваат лекари за реанимација и специјалисти за изгореници
Пет од вкупно дваесетте потешко повредени лица од пожарот во Кочани со авионот „Спартан“ на бугарското воено воздухопловство ќе бидат транспортирани на понатамошно лекување во соседна Бугарија, изјавија бугарските власти.

Во соопштението се вели дека во авионот патуваат бугарски медицински тимови, составени од лекари за реанимација и специјалисти за изгореници. Повредените ќе бидат сместени во специјализираните единици за изгореници во медицинските установи во Софија и Варна, а дополнително ќе бидат подготвени и други болници во Софија, Варна и Благоевград за да се примат дополнителни повредени лица доколку има потреба. Во соопштението на бугарските власти се вели и дека Бугарија е подготвена да прими уште жртви и оти се во координација со македонските власти.

Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека најтешко повредените пациенти пациенти ќе бидат транспортирани во Бугарија, Турција, Грција и Белград, и оти третман понудиле и од Албанија и Холандија.
„Според нашите анестезиолози, 18 до 20 пациенти ќе има потреба да ги транспортираме надвор од државата за понатамошно лекување за тие што се покритични“,рече министерот.
Тој додаде дека за тоа кој од покритичните пациенти каде ќе биде транспортиран, оставил на екипа анестезиолози да одреди каде смета дека би било најдобро пациентите да се упатат за натамошен третман.