Претседателот е во работна посета на Тирана, Република Албанија, каде што учествува на Самитот Украина – Југоисточна Европа
Целосна поддршка за Украина слободно да го избере патот по кој ќе чекори во иднина. Ако тој пат значи волја и подготвеност за интеграција на земјата и во Европската Унија и во НАТО, тогаш ние, без двоумење, мора да го поддржиме изборот на Украина, напиша претседателот на државава Стево Пендаровски на Фејсбук.
Тој е во работна посета на Тирана, Република Албанија, каде што учествува на Самитот Украина – Југоисточна Европа.

Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ќе се обрати на пленарната сесија на Самитот, а ќе оствари и билатерална средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
На Самитот Украина – Југоисточна Европа во Тирана, на кој домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, а кодомаќин е украинскиот претседател Володимир Зеленски, своето учество го потврдија претседателите на Република Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседателките на Република Косово и на Република Молдавија, Вјоса Османи Садриу и Маја Санду, премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, како и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.
