Материјалот се наоѓал во оштетени и расфрлани садови, делумно изложени на атмосферски влијанија. Дополнително, објектот каде што се наоѓал отпадот бил со урнат покрив и градежен шут, што ја зголемувало опасноста од ширење контаминација и од неконтролирано истекување на хемиски супстанции
Директорката Марија Андоновска вели дека отпадот е безбедно отстранет и нема да остане во државата, туку ќе биде согорен надвор
Отстранети се 10 тони опасен хемиски отпад што повеќе од 10 години се чувале во рамките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и можеле да предизвикаат хаварија, информира денеска директорката на оваа здравствена установа, Марија Андоновска.

Според неа, се работи за исцедоци од лабораториски анализи, хемикалии од различен вид и во различна агрегатна состојба, што, како хемискиот отпад, претставувале голем ризик за здравјето и безбедноста на луѓето.
„Отпадот е безбедно отстранет и нема да остане во државата, туку ќе биде согорен надвор“,
вели Андоновска.
Материјалот, како што додава, се наоѓал во оштетени и расфрлани садови, делумно изложени на атмосферски влијанија. Дополнително, објектот каде што се наоѓал отпадот бил со урнат покрив и градежен шут, што ја зголемувало опасноста од ширење контаминација и неконтролирано истекување на хемиски супстанции.
Посочи дека отпадот бил многу лесно испарлив и запалив, поради што претставувал голема потенцијална опасност.
„Немавме упатство за управување со отпадот, но веднаш ги алармиравме институциите. Го отстранивме и, за среќа, избегнавме хаварија. Но, очекувам одговорност“,
кажа директорката на ИЈЗ.

Технологот Трајче Србиновски, кој е дел од тимот ангажиран за отстранување на отпадот, вели дека во државата има многу вакви жаришта и опасноста од нив е многу голема.
„Досега неколку јавни институции нè повикаа да направиме увид, да се детектираат критичните точки. Чистењето зависи од обемот на хемикалиите, од начинот како се складирани, а цената можеби е висока оти немаме активна депонија“,
рече тој.
Собраниот отпад е соодветно складиран и подготвен за понатамошен транспорт и третман согласно важечките законски прописи за управување со опасен отпад.
Засега сè уште не се знае каде ќе биде извезен и согорен отпадот од ИЈЗ .
