Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава

Четириесет и осумгодишен жител на охридското село Подмоље е приведен од полицијата откако во угостителски објект во селото Мешеишта што тој го користел биле пронајдени оружје, муниција и речиси 500 стебла канабис.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

„На 31.10.2025 година полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид го лишија од слобода Г.М. (48) од селото Подмоље, Охридско. При претрес во поранешен угостителски објект во селото Мешеишта, Општина Дебрца, што го користел Г.М., извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се вкупно 1 357 парчиња муниција од различен калибар, 488 стебла од растението канабис, еден сандак со куршуми калибар 7,62 милиметри, два стари револвера, еден пиштол VZOR калибар 7,65 милиметри, две автоматски пушки, еден тромблонски држач, едно тело и една иницијална каписла од рачна бомба, пакување со црна грутчеста материја, кеса со кафеава прашеста материја и други предмети што нелегално ги поседувал“,
соопшти МВР.


