Пред гробот на Делчев денеска се поклонија државни и партиски делегации, но и граѓани кои го почитуваат ликот и делото на великанот. На одбележувањето на 120-годишнината на неговата смрт не присуствуваше премиерот Димитар Ковачевски поради неговата работна посета на САД, но во објава на Фејсбук порача дека денешниот датум останува врежан во историјата како поука оти силата и иднината се во единството
Со богослужба на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА) во кругот на црквата „Свети Спас“ во Скопје денеска беа одбележани 120 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев.
Државни и партиски делегации, но и граѓани денеска положија цвеќе на гробот на Делчев и му оддадоа почит на македонскиот револуционер кој загина на денешен ден во 1903 година.
На вечното почивалиште на Делчев, меѓу останатите, цвеќе положи и шефот на државата Стево Пендаровски.

Тој во објава на Фејсбук напиша дека Делчев е една од најзначајните историски личности на Македонија.
„Почит за македонскиот револуционер Гоце Делчев. Визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Една од нашите најзначајни историски личности. Слава му!“,
напиша Пендаровски во објавата на Фејсбук по повод одбележување на смртта на револуционерот.
На македонскиот револуционер чест му оддаде и владина делегација во состав од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и заменик-министерот за образование и наука Агим Нухиу.

„Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Тој ја застапуваше каузата за искрена борба за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во која доброволно ќе се здружат сите угнетени народи и ќе ја продолжат сестраната борба“,
велат од Владата.
Премиерот Димитар Ковачевски не присуствуваше на денешното одбележување на 120-годишнината од смртта на револуционерот поради неговата работна посета на Соединетите Американски Држави.
По повод денешниот ден, тој во објава на социјалните мрежи порача дека денешниот датум останува врежан во историјата како поука оти силата и иднината се во единството – поука на која, како што вели, нè потсетува нашиот визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев.
„Идеалите на Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се патоказ за низата генерации македонски револуционери кои се вградени во македонската државност. Тие се и наш патоказ, како прогресивна Влада, којашто посветено работи на изградбата на Северна Македонија во еднакво општество за сите и европски дом за сите граѓани, интегрирани меѓу најдемократските сојузи НАТО и ЕУ“,
пишува Ковачевски на Фејсбук.
Пред гробот на Делчев се поклони и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, а чест му оддадоа и партиски делегации на владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во објава на Фејсбук, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, напиша оти идеалите на Делчев се живи, а неговото дело е посилно од, како што вели, секој удар и секоја поделба.

„Денес многумина ќе се присетат, но малкумина јавно ќе го постават прашањето дали државата го продолжува неговото дело. Со власт која има целосно отсуство на родољубие и како никогаш порано со толку многу разнишани темели. Но, која било сервилност на власта е помала од големината на неговиот завет. Поклон за великанот, неговата борба за нашата слобода, и неговото дело за ВМРО и Македонија. И да, заедно ќе успееме да ја оправдаме неговата борба“,
се вели во фејсбук-објавата на Мицкоски.
За разлика од 4 февруари годинава, кога на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ пристигна официјална делегација од Софија, бугарските власти минатата недела најавија дека нема да има заедничко одбележување на смртта на револуционерот.
Чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари годинава помина под засилени безбедносни мерки од македонска страна. Бугарското Министерство за надворешни работи тогаш излезе со реакција дека на голем број нивни граѓани им било оневозможено да присуствуваат на чествувањето во Скопје и биле задржани на граничниот премин „Деве Баир“.
Македонската гранична полиција на 4 февруари годинава со часови пропушташе само итни случаи поради, како што беше соопштено, пад на системот за проверки. Тоа предизвика тензии и расправии во кои бугарски државјани, поради неможност да ја поминат границата, недолично се однесуваа кон македонската полиција. Поради ова, тројца бугарски државјани беа приведени и добија парични казни од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.
Поради денешното одбележување на 120-годишнината од смртта на Годе Делчев, Министерството за внатрешни работи (МВР) од вчера воведе посебен сообраќаен режим, информирајќи дека затворена за сообраќај ќе биде улицата „Самуилова“ во подножјето на Скопското кале.
Македонскиот револуционер Гоце Делчев загинал на денешен ден во 1903 година во селото Баница, денешна Грција, во битка со османлиските војски.