Кандидатот за градоначалник на предвремените избори во Штип од редовите на СДСМ, Сашко Николов, се обрати пред собраните поддржувачи на градскиот плоштад и порача дека градот покажал дека владее демократија и дека ниту една опструкција не може да помине.
Тој вели дека денешните избори покажале оти Штип останува во рацете на социјалдемократите во наредните десет месеци, како и во уште два мандата потоа.
„Покажавме дека во Штип владее демократијата, дека на секој што сака да ја блокира и опструира оваа наша преубава општина, не му е местото тука. Ама ние ќе им дадеме шанса на сите. Да седнат дома, да размислат и да дојдат да помогнат за да ја направиме оваа општина како што треба. СДСМ ќе го води Штип во наредните 10 месеци, уште четири години и уште четири години. Покрај сите опструкции, на достоинствен начин покажавме дека Штип е демократски град и на достоинствен начин излеговме и гласавме и го постигнавме цензусот и повеќе од тоа. Само да покажеме дека ниедна опструкција не може да помине“,
рече Николов.
Доколку се потврди победата што ја прогласија социјалдемократите, Николов ќе биде нов градоначалник на Штип откако функцијата ја напушти неговиот сопартиец Благој Бочварски, кој стана министер за транспорт и врски.
Право на глас во Штип имаа 41 777 жители. За да бидат успешни изборите, беше потребно да излезат една третина од запишаните гласачи, во случајов 13 926.
Според официјалните информации од ДИК, прагот е постигнат и пред затворањето на гласачките места, односно до 18:30 часот, гласаа 14 328 или 34,3%.
Изборниот законик предвидува дека за некој да победи во првиот круг, покрај условот од една една третина излезеност, треба да освои мнозинство гласови од оние што гласале. Во спротивно, во рок од 14 дена се одржува втор круг на избори. Доколку има втор круг на овие избори, тој би се одржал на 27 декември.
Кандидатот на СДСМ на изборите имаше четворица противкандидати: независниот кандидат Трајче Митев; Лазар Наумов, музичар од партијата ТМРО; Гоце Ангелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, а составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација-Работничка партија, како и Симон Поликарп-Џими како кандидат на Интегра.
Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, ги бојкотираше изборите.